Епископијата на Брегалница : прв словенски црковен и културно-просветен центар во Македонија

Блага Алексова

 

(Предговор)

Во спомен на моите родители Персида и Захарие

 

 

Презентираната студија во оваа книга ги прикажува богатите резултати од мојата повеќегодишна научноистражувачка дејност со проектот „Баргала и средниот тек на реката Брегалница во византискиот и словенскиот период". Овие истражувања во 1970 година прераснаа во меѓународен Југословенско-американски научен проект помеѓу Археолошкиот музеј во Скопје и Dumbarton Oaks, Центар за византиски студии од Вашингтон D. С. во САД.

 

Во студијава се проучува археолошката, урбанистичката и архитектонската проблематика од доцноантичкото ранохристијанско раздобје и словенскиот период во Македонија, посебно во областите источно од Вардар, на територијата на Macedonia II Salutaris некогашната римска провинцпја на Источен Илирик.

 

Определувајќи се за проучување на материјалната и духовната култура од словенскиот период во Македонија, дојдов до сознание дека за нејзиното правилно и сеопфатно интерпретирање е потребно да се проучат трагите и остатоците од културите што и предходеле, бидејќи словенската материјална и духовна култура во овие јужни простори на Балканот претставувала континуиран развој на големото ранохристијанско византиско наследство, надополнето и осмислено со гението на словенскиот креативен дух.

 

Методологијата во работата што ја применивме во истражувањата во овие источни области на Вардар има извесна разлика од слични археолошки потфати. Применет е посебен историско-археолошки метод, кој наложи историските истражувања да им претходат на археолошките, меѓутоа, со нив да претставуваат нераздвојна целина. Целта беше низ историскиот развој на друштвото да се откријат археолошките локалитети, поради што значајна компонента во работата претставуваше здружувањето на археолошките и историските методи на истражување, што овозможи прецизно следење и проверка на секој резултат. На Брегалница, поради големиот степен на уништување на културните добра во блиското минато, значајна улога имаше и систематското проучување на микротопонимијата од гледиште на средновековната историја.

 

IX

 

 

Со својата географска положба, со стопанските потенцијали, со разгранетата мрежа на патиштата и со старата античка традиција областите по средниот тек на Брегалница се издвојуваат од останатото подрачје, така што сите елементи укажуваат на нивната централна функција во античкиот, ранохристијанскиот, византискиот и раниот словенски период.

 

Ширењето на христијанството во областите на Источен Илирик започнало многу рано. На ова укажуваат многуте малу ироучени култни градби и Martyriumi. Ранохристијанската добро организирана црква преку своите епископски центри во поголемите градови во кои биле изградени репрезентативни базилики и бројни храмови во нивните диецези придонеле за брзото ширење на христијанството во Македонија и на целиот Балкански Полуостров.

 

Археолошките откривања укажуваат дека самостојната црковна организација на архиепископијата Prima Iustiniana придонела христијанството да се зацврсти по Брегалница и во цела. Македонија. Тоа се потврдува со обновата и изградбата на цркви од базиликален тип со баптистериуми. Меѓутоа, градителската активност на ова време го карактеризираат цркви од крстовиден тип и цркви Martyriumi. Овие последниве во Македонија и низ целата Империја го доживуваат својот расцут како во периодот на IV век.

 

Словенските племиња што го населуваат Балканскиот Полуостров, посебно областите во Македонија и Тракија, ја започнуваат својата творечка дејност на територијата на христијанизираната Византиска Империја.

 

Повеќебројните обновени ранохристијански храмови и откриените траги од мисиите за покрстување на Словените во Македонија, преземени од страна на Константинопол и Рим, придонеле за брзото ширење на христијанството помеѓу Словените во Македонија уште пред официјалното покрстување од 864 година.

 

Трагите на Латинската мисија и уште повеќе на Брегалничката мисија на Св. Кирил се потврдуваат со новите археолошки откривања на Брегалница и во цела Македонија. Украсувањето на градежните камени блокови на првите словенски цркви и тврдини со знаци и букви од двата словенски алфабета укажува на времето на покрстување и создавање на првата словенска азбука напишана во 855 година од Константин Кирил Филозоф.

 

Откривањето на овие споменици со првите словенски букви укажува на Македонија како на извориште на словенската писменост и книжевност. Со ова е отстранета и големата празнина во науката. Досега не можеше да се објасни отсутноста на палеографските споменици со словенско писмо во Македонија, земја на која укажуваат повеќето историски и литературни изворни податоци како на лулка на словенската писменост. Брегалничката мисија, за која во науката се изнесени подвоени мислења, веќе не може да се оспорува.

 

Поради нараснатите потребм наскоро се организира самостојна словенска црковна организација во Македонија. Тоа е „Епископијата на Брегалница" за која не известува Теофилакт, чиј катедрален храм со Martyriumot за Тивериополските Струмички мартири е откриен крај Крупиште. Ова укажува на централното место што го заземала оваа област во Македонија од средината на IX—X век. Овде е создаден прв словенски голем црковен, културен и центар за ходочастие во Македонија и на Балканскиот Полуостров. На чело на оваа прва самостојна словенска епископија на Балканот е поставен во 893 година нејзиниот организатор Климент Охридски како прв словенски епископ па целиот Илирик и на земјите со словенски јазик. Овде, во овој прв словенски црковен и културно-просветен центар во Епископијата на Брегалница прочуен по мисионерската дејност на Св. Кирила и со

 

X

 

 

новоизградениот храм на Струмичките мартири, Стефан Душан го оцржува Државниот собор во 1354 година. Стариот словенски црковен центар за прв пат е спомнат под името Кручиште на Овче Поле.

 

Епископијата на Брегалница е организирана во Македонија II, некогашната провинција на Источен Илирик, на дел од територијата на архиепископијата Prima Iustiniana. Ова поклопување на териториите не е случајно. Во Брегалничкиот и Струмичкиот крај за време на архиепископијата Prima Iustiniana е евидентирана засилена градителска дејност од сакрален карактер, што позасилено се повторува и за време на Епископијата на Брегалница.

 

За традицијата на Prima Iustiniana во титулирањето на Охридските архиепископи од втората половина на XII век па сѐ до нејзиното укинување во 1767 година се има зафатено со проучување Р. Љубинковиќ. Toj, по деталното истражување и проучување на ова компликувано и недоволно јасно прашање, доаѓа до заклучок дека тоа не е „правна титуларна декорација", ниту „правна фикција", туку е засновано на важечки и цврсти правни акти, кои иако настанале во Јустинијаново време, останале на снага и подоцна. Така што во основата на словенската црква и на Охридската архиепископија се наоѓа од почетокот Јустинијановиот правен акт СХХХI од Јустинијановата новела. Укажувајќи на интерполираниот текст на Михајло, епископ Деволски од 18 година, во делот на ракописот на Скилицината хроника (Codex Vindoboniensis Historiae graecae LXXIV), констатира дека Архиепископијата Prima Iustiniana и автокефалната Охридска архиепископија, и покрај тоа што се различито наречени, претставуваат само историска варијанта на една и иста црковна установа.

 

Архимандритот Никола-Нил Доксопатр ни дава мошне значајни податоци. Toj во пописот на патријаршиските престоли и на нивните епископии од 1143 година, составен по наредба на норманскиот сицилијански крал Рожер II, не известува дека Охридската архиепископија била независна, не била потчинета на ниеден од врховните престоли, била самостојно управувана и од сопствени епископи посветувана. Најзначајниот податок што го истакнува е дека во почетокот таа не била посебно титулирана, а подоцна е наречена според името на државната организација под чија власт потпаднала Македонија. Етапата на развојниот пат помегу Архиепископијата Prima Iustiniana и Охридската архиепископија е епископијата на Брегалница — Великата прва словенска епископија организирана и раководена од Климент — прв словенски епископ.

 

Денешната афтокефална православна Македонска црква претставува само континуитет на правата и е правен наследник на некогашната Епископија на Брегалница и на автокефалната Охридска архиепископија, што биле основани на дел од територијата на некогашната архиепископија Prima Iustiniana, во областите северно од големиот центар во Солун.

 

Првата самостојна словенска црковна организација во Македонија — Епископијата на Брегалница зафаќала опширни територии. Поблиското определување на областите на нејзиното простирање со новите археолошки откривања е предмет на мојата наредна студија, која е во завршна фаза.

 

Податоците во студијава се прикажани со многубројна техничка документација за постојната положба на поедините наоди во текот на нивното откривање. Изведена е реконструкција на поедини архитектонски елементи темелени врз деталното археолошко проучување на објектите и врз богатиот регистар на компаративниот материјал.

 

Благодарение на студиите што ми ги овозможи Dumbarton Oaks Center for Byzantine Studies of Harward University, Washington, D. C.

 

XI

 

 

во САД дадена ми е можност да ja средам потребната документација во богатата библиотска по Центарот и по библиотеките по Скопје, Белград и Сплит.

 

За реализацијата на Меѓународниот истражувачки проект на Баргала посебна благодарност им должам на покојниот академик М. Апостолски и на академиците С. Манго и И. Шевченко.

 

Ja изразувам својата благодарност на повеќето учени кои не подржуваа во текот на моите истражувања и проучувања помеѓу кои треба да ги споменам: академиците Д. Коцо, Б. Конески, Ф. Мареш, пок. В. Мошин, кој цврсто веруваше дека археолошките откривања на Брегалница ќе го решат прашањето за почетоците на словенската писменост, потоа на професорите Ц. Грозданов, Н. Бошале, М. Љубинковиќ, пок. Р. Љубинковиќ, Б. Панов и П. Георгиев.

 

На професорите Вера Битракова-Грозданова и Лидија Славева им благодарам на позитивните рецензии со топла препорака за издавање на книгата со што резултатите од моите проучувања стануваат достапни во науката и во пошироката јавност. Благодарност им должам на повеќето соработници и колеги што ми помагале во теренските истражувања и во изработката на техничката документација. На Археолошкиот музеј на Македонија и Народниот музеј од Штип им се заблагодарувам за помошта во организирањето на истражувањата, a на Републичкиот завод за заштита на спомениците за изведување нa конзерваторските работи на откриените објекти.

 

На Републичката заедница за научни дејности и нa Републичката заедница зa култура посебно им благодарам на финансиската подршка на изданието, a на Институтот за старословенска култура од Прилеп му благодарам што го вклопи мојот труд во своите изданија.

 

За ликовното обликување и уредувањето топло му благодарам на Нико Този.

 

Блага Алексова

 

Скопје, јануари

1989 година

 

[Next]

[Back to Index]