МОЖЕШЕ ЛИ ПАРТИСКАТА ОРГАНИЗАЦИЈА ВО МАКЕДОНИЈА ДА ГИ СПАСИ ЕВРЕИТЕ?

 

Проф. д-р Тодор Чепреганов, Универзитет „Гоце Делчев“ Штип

In: Дипломатијата и депортацијата на Евреите од Македонија во 1943 година, 27 Jan 2015, Skopje, Macedonia

International Scientific Conference "Diplomacy and the deportation of Jews from Macedonia in 1943" (Unpublished)


Ministry of Foreign Affairs of the Republic of Macedonia, Skopje, 27 January 2015

 

Като .doc файл (25 Кб) от: Shtip University "Goce Delchev" academic repository

 

Прашањето дали партиската организација во Македонија можеше да направи нешто во однос на спасувањето на Евреите од Македонија претставува тема која уште долго ќе ја преокупира македонската научна и поширока јавност. И покрај објавените архивски документи за активностите околу спасувањето на Евреите сметаме дека постојат работи на кои македонската историографијата треба да се наврати повторно и од сите аспекти со анализа, компарација и синтеза на насловента тема.

 

Историски, нa 8 април Германија побарала од Бугарија воено-полициски сили за преземање на окупираната територија на Македонија од германските воени единици. На 18 април 1941 година бугарската војска влезе во Македонија, а од 23 април 1941 година започна со работа Скопската, а потоа и Битолската област. Бугарскиот окупатор, непосредно по окупацијата го вовела бугарскиот законодавен, политички, административен, судски и полициски систем. Како составен дел на Бугарија, во оптек влезе и „Законот за заштита на нацијата“ [1] кој се однесуваше за регулирање на односите со Евреите. Со овој закон еврејската заедница во Македонија се најде во многу тешка ситуација. Им беа ускратени основните човекови права и беа гетоизирани. [[ Югославия приема анти-семитски закони още през октомври 1940 г. - В. К. (вж. web.ceu.hu, www.yadvashem.org) ]] Постепено до крајот на 1942 година преку разни закони, наредби, инструкции и мерки економскиот живот на Евреите бил целосно уништен, сите организации, верски служби, состаноци, приредби, излегување надвор од гетото, посети, кафани, театри, кина, излегување после одреденото време, сето тоа било забрането. Децата и младината останале дома, без образование, да учат занаети и сл. Морале да ја носат давидовата ѕвезда и им беше одземено југословенското државјанство, а бугарските власти не им дале бугарско. [2]

 

Наоѓајќи се во ситуација кога не гледале можност за излез од ситуацијата единствената шанса ја виделе во нивно активно приклучување во работата на партиската организација во Македонија која, и покрај тоа што била илегална организација, сепак, влевала надеж, како единствена организирана сила која се борела против наци-фашизмот, дека може да направи нешто во однос на нивното спасување. Во таква ситуација оголемиот дел од еврејската заедница го прифатиле повикот на КПЈ за борба против наци-фашизмот. Споре Жамила Колономос околу 800 членови од еврејската младина во Битола се ставила на страна партиската организација. [3]

 

Несомнено се работело за голема бројка на млади Евреи кои биле спремни да излезат во партизани, бидејќи таму го гледале единствениот спас. Меѓутоа, треба да се има предвид дека ПК на КПЈ за Македонија се наоѓал во ситуација на меѓусебни расправи и консолодација во однос на припадноста на партиската организација. Но и покрај тоа ПК на КПЈ за Македонија во своите прогласи и летоци (ноември 1941 и февруари 1942 година) ги повикува, покрај другите, и припадниците на еврејската заедница да се приклучат кон борбата против наци-фашистичките окупатори на Македонија. [4] Повиците, преку летоците и прогласите, повикуваа на борба на сите во Македонија, но тоа беше само вербално. И покрај тоа што беа спремни да излезат младите Евреи немаа можност каде да одат односно немаше борбена единица како би се реализирале она што се пропагираше во прогласите и летоците.

 

Но, состојбите во ПК на КПЈ за Македонија беа многу турболентни. Се водеше „тивка војна“ за припадноста на македонската партиска организација меѓу бугарската КПЈ и БРП. За многу кратко време од доаѓањето за секретар на ПК на КПЈ за Македонија (1940) Методија Шаторов Шарло, ја консолидира организацијата, го зголеми членството, а по нападот на СССР, ги реализира директивите за вооружено востание. Во август 1941 година под негово раководство беше формиран Скопскиот партизански одред, првата вооружена единица на територијата на Македонија. Но, одлуката на Коминтерна беше ПК на КПЈ за Македонија да остане во рамките на КПЈ од практични и целисходни причини. М. Ш. Шаторов беше сменет од секретар на ПК, не беше примен во одредот и мораше да замине во Бугарија. За време на своето делување Шаторов ги направи сите можни припреми за исфрлање на повеќе партизански одреди од поголемите градови во Македонија. Припремите беа во тек кога се случија промените. Од засега непознати причини одлуката за кревање на востание беше променета. Член на партиската организација ги посетува месните комитети и ја пренесува директивата дека востанието се одлага. Само две партиски организации не ја почитуваат директивата, Прилепската и Кумановската. Првите се креваат на 11 октомври, а вторите на 12 октомври 1941 година. Судбината на партизанските одреди од 11 и 12 октомври во Прилеп и Куманово е позната. Беа разбиени. Дел од партизаните беа убиени, дел фатени, а дел преминаа во илегалност. Меѓу оние кои требаше да излезат имало и голем број на младинци од еврејската заедница. Меѓутоа, повлекувањето на одлуката за кревање на востание и разбивањето на партизанските одреди го оневозможило заминувањето на Евреите во партизани. [5]

 

Во текот на 1942 година по консолидирањето на партиската организација се формирале јадрата на 9 партизански одреди, но и тие поради не усепаја долго време да се задржат на терен и беа разбени. [6] Во тој период еврејската младина од Битола

„молеше што е можно поскоро да им се придружи на партизаните. Врските со селата беа прекинати или многу ретки. Во градот, многу од тајните групи од движењето на отпорот беа пријавени. Полицијата, заедно со бугарската војска, во октомври 1942 година, започна голема офанзива. Генерал Бојдев нареди акција за уништување на движењето на отпорот. Во сеќавањето на народот, таа зима остана како најсурова, а за Евреите – најцрна. На нашите молби да нè чуваат додека не дојдат куририте, одговорот беше: ’Секој нека се скрие каде што може, во Грција или Албанија, или пак во градот, ако најде каде!!?’. [7]

 

Несомнено, тоа беше период од пресудно значење за еврејската заедница во Македонија бидејќи

„беше опасно да се остане во градот. Меѓу исплашениот битолски народ, малкумина имаа храброст да ги спасуваат Евреите... Водачите на движењето на отпорот во Битола советуваа секој да се скрие и да остави адреса за подоцна да биде испратен со партизаните?!!“. [8]

 

Според анализите на архивските документите бројот на членовите од еврејската заедница кои биле спремни да излезат во партизани изнесувал повеќе од 1000 или што несомнено е импозантна бројка имајќи го предвид бројот на Евреите во Македонија.

 

Но, политичката и воената ситуација во периодот до депортацијата на Евреите поради објективни и субјективни причини не одеше во прилог за нивно спасување. Имено во првите партизански одреди од оние кои излегоа немаше Евреи бидејќи во Прилеп и Куманови немаше еврејски заедници. Во Штип се планираше да излезат но директивата за неизлегување ги спречи во тоа. Формирањето во април 1942 година на битолскиот одред „Пелистер“ влеваше некоја надеж, но во мај беше разбиен. Во јули 1942 година се формира битолско-преспанскиот одред „Даме Груев“, а есента се формира и одредот „Јане Сандански“. Во нивните редови влегоа и 9 младинци Евреи. Прашањето е дали тој број можеше да биде поголем? Меѓутоа, во текот на зимата и двата одреда, поради преземената бугарска офанзива за нивно уништување, преминаа во Егејска Македонија. [9]

 

Од постојната документација и до сеќавањата на учесниците во тие настани се гледа дека до последниот момент се одржувале состаноци, бидејќи веќе биле присутни информациите дека ќе следува депортација. Меѓутоа, сосема е јасно дека и партиската организација во градовите во кои живеела еврејската заедница биле без идеја како тоа да се изврши спасувањето на Евреите. Тоа најдобро се гледа од примерот на битолската партиска организација која дала директива според која сите оние кои можеле да носат оружје требало да се префрлат, самоиницијативно?!, во Грција или Албанија, да остават адреси со цел подоцна да се поврзат и да се префрлат во одредите. [10] За ова не е потребна поопстојна анализа. Пред сѐ зборува за стихијно донесена одлука која однапред ги жртвувала сите оние кои би ја прифатиле. Таа како партиска организација немало обезбедено канали за преврлање сите оние кои сакале да ја се приклучат на партизанското движење и уште повеќе немале увид во она што се случува на територијата на Грција и Албанија. Уште повеќе состојбата во битолската организација била

„... несредена – без МК, туку сета работа ја бркаше еден и истиот е уапсен...Една од главните причини е што тукашните другари немаат врска со четата и со тоа не можеше да се испратат луѓе ...Втора причина може да биде несреденоста на тукашната организација...“. [11]

 

А не треба да се занемари и фактот што и двата партизански одреди беа на територијата на Грција во делот на Македонија во рамките на Грција. Може да се заклучи дека партиските организации и покрај добрата вољ за спасување на Евреите, реално немаа никаква подлога врз која можеа да ја базираат таа желба. Идејата да се скријат дел од Евреите по фамилии и во илегални станува, од своја страна носеше големи ризици и народот беше исплашен. На одважните треба да им се даде должната почит. Кон ова треба да се придодадат и зборовите на делегатот на КПЈ Светозар Вукмановиќ Темпо, кој во тие денови се наоѓал во Скопје. Тој ќе истакне дека

не биле преземени никакви мерки да се спасат младите, и покрај таквиот ужас“. [12]

 

Со еден збор Народноослободителното движење во периодот на депортацијата на Евреите од Македонија беше во голема криза и немаше никакви реални можности да направи било што во однос на спасувањето на Евреите.

 

 

1. Истиот е донесен на 21 јануари 1941 година. Со законот се определува кои лица се смета дека се од еврејско потекло, не можале да бидат бирани или да бираат во било кое здружение или друштво, лицата затечени во изборни функции не можат да ги вршат тие функции, не можат да заземаат било какви функции на власта, не можат да бидат трговски претставници, не можат да служат војска, освен во специјални работни групи и се задолжени да плаќаат соодветен воен данок, не смееле да склучуваат брак или вонбрачна врска со лица од бугарско потекло, во училиштата се примал ограничен број кандидати од еврејско потекло, и тоа ако нем кандидати Бугари, се забрнувало менување на местото на живеење без дозвола на полицијата, не можеле да поседуваат неподвижни полски имоти, ограничување во индустријата, трговијата, занаетчиството и слободните занимања, задолжително пријавување на сите подвижни и неподвижни имоти во Бугарската народна банка, не можеле да бидат сопственици или акционери во било каква форма во претпријатијата од секаков вид: театри, кина, издавачки куќи, производство на филмови, грамофонски плочи, забавни локали, хотели, аптеки, санитетски продавници и др. Види поопширно: Жамила Колономос, д-р Вера Весковиќ – Вангели, Евреите во Македонија во Втората светска војна (1941-1945), Зборник на документи, I, Македонска академија на науките и уметностите, Скопје, 1980, 19-26.

 

2. Исто таму, 20.

 

3. Жамила Анѓела–Колономос (Анџела–Колономос), Движењето на отпорот и Евреите од Македонија, Издавач: Самуел Садикарио, Скопје 2007, 5.

 

4. Жамила Колономос, д-р Вера Весковиќ – Вангели, Цитираниот труд, 374.

 

5. Во Штип Исак Сион е човекот кој по директива на Месниот комитет на Штип развива извонредна партиска активност меѓу еврејската младина. Успеал да ги вклучи во воспитна група: Пепо Јуда Леви, Аврам Барух Сион, Исак Јаков Леви, Моис Давид Сион, Хаим Леви. Во септември 1941 година Исак Сион ги известува дека се предвидени за ислегување и формирање на Првио партизански одред кој требало да се формира на пл. Плачковица. Сите изразиле подготвеност дека се спремни да излезат. Поединечно биле определени за првата акција да учествуваат во нападот на полицискиот участок во Штип. Но како што е познато до реализрање на таа акција не дојде. Хаим Леви, „Учеството во НОБ во Штип и Штипско“. Штипските Евреи. Зборник на трудови и сеќавања, ученички творби од фондацијата „11 март 1943“ , Штип, Еврејска заедница на Македонија, Скопје, 1999, 149-151.

 

6. Во април 1942 година, покрај селото Лавци, беше формиран битолскиот партизански одред „Пелистер“. Но за кратко време беше разбиен. Во одредот имаше еден Евреи, Пепо Песо, кој беше убиен. На 6 јули 1942 година на планината Бигла, покрај селото Златари, беше формиран вториот партизански одред „Дамјан Груев“. Во одредот имаше 8. На 18 септември 1942 година во близината на селото Лавци, е основан одредот „Јане Сандански“ со 30 партизани. Во оваа група беше Бено Русо. Жамила Анѓела – Колономос, Цит. труд, 10-11.

 

7. Исто, 13.

 

8. Исто, 14.

 

9. Исто, 46-47.

 

10. Исто, 48.

 

11. Исто, 49.

 

12. Жамила Анѓела – Колономс, Цит. труд, 14.

 

[Back to Main Page]