Епископијата на Брегалница : прв словенски црковен и културно-просветен центар во Македонија

Блага Алексова

 

1. (Брегалнишко)

 

 

Реката Брегалница е најголемата источна притока на Вардар. Таа во својот среден тек минува низ Кочанската Котлина оставајќи го Овче Поле од својата северна страна. Кочанската Котлина зафаќа простор од околу 40 км2, по должина со оска што има североисточно југозападен правец со остри рабови. На југоисток во Котлината се вовлекува големата кристалеста маса на Плачковица. На исток е заградена со планината Голак, a на запад е пониското терцијарно земјиште на Овче Поле. [1]

 

Оваа котлина, и покрај тоа што зафаќа мал простор, е од тектонско потекло. Нејзиниот северозападен раб ги сече кристалестите шкрилци кај Кочани и Оризари. Kaj Кочани и Кочанска Бања се јавуваат андезитски туфови и термални извори. Нејзиниот јужен раб ги сече кристалестите шкрилци на Плачковица.

 

Од Штип нагоре по Брегалница и под Плачковица се минува преку терцијарно земјиште. Меѓу терцијарните брегови кај Облешево се протега околу 5 км широка алувијална рамнина. Во мај 1904 година Брегалница била широка околу 80 м, a длабока до колена, со песокливо дно, со повеќе мочуришта околу коритото и со понекој извор во рамнината. Kaj Крупиште на десниот брег се гледа дилувијална песоклива тераса каква што има и пред Кочани. [2]

 

Во Кочанската Котлина се наоѓа хидрографската челенка на Брегалница бидејќи овде се формира како поголема река, благодарејќи на нејзините притоки Злетовштица, Кочанска Река, Масалница, Осојница и Зрновска Река и на многуте реки што течат од Плачковица. [3] Од обете страни на Брегалница од Штип нагоре се простира земјиште со црвена и сива боја, од црвен песочник, лапор, конгломерат, сив песочник со вметнати модри глинци. Над овие карпи се појавува, како горен слој, жолтеникав и белузлав варовник во дебели слоеви. Овој варовник по петрографскиот хабитус е сличен на олигоценскиот варовник од Бела. Околу Штип има главно гранитни маси. [4]

 

Од испитувањето на земјиштето по Брегалница од нејзиното влевање во Вардар на по нејзината долина, Ј. Цвијиќ заклучува дека целиот овој терен му припаѓа на постариот терцијар. Со истражувањето на брегалничката Сатеска кај Штип и старата долина на Отиња, на штипскиот гранитен локалитет е утврдено поместување на коритото на Брегалница од запад кон исток. [5]

 

Највисоката маса на Плачковица е над Радовиш и над Кочанската Котлина. Таа се состои од четири кристалести масиви и снижениот дел на запад што се вика Средна. Највисок е врвот Чупино со 1350 м. Од овие пространи највисоки маси се протегаат кон север и југ паралелни, долги падини меѓу кои се наоѓаат притоките и краците на Брегалница и Струма. Овие благи падини се расчленети на помали, така што Планината изгледа како да е набрана. Таа има симетрична пердувеста структура. Плачковица е проодна планина и им припаѓа на пошумените планини под грмушки и крупна шума. На Плачковица има лисни дрвја, и тоа даб, бука, јасен и липа. На највисоките места има борови и ели, но тие не зафаќаат големи површини. На Плачковица има големи простори со бујна паша и ливади, поради што на оваа планина има и Власи со големи стада овци. [6]

 

 

1. Цвијић, Основе, 229.

 

2. Цвијић, Основе 229; Недков, Положба 11—44; Стојанов, Геолошки састав 48 и пон.

 

3. Цвијић, Основе, 234.

 

4. Цвијић, Основе, 212; Стојанов, Геолошки состав, 48-60. Авторот во својата студија ги дава детално карактеристиките на геолошките формации на оваа територија истакнувајки ги детално содржината и составот на земјиштето во одделни области. Понатаму изложува за сложената тектонска градба на теренот што го заваќа Штипска општина и укажува на рудното богатство на оваа котлина, стр. 62—63.

 

5. Цвијић, Основе, 214—216.

 

6. Цвијић, Основе, 245.

 

5

 

 

Овче Поле е рамнина што се издига над Скопската Котлина за 100—150 м. На запад е ограничена со Вардар, од утоката на Брегалница до утоката на Пчиња. Северната граница ја сочинуваат низа еруптивни купи, додека меѓуречјето помеѓу Злетовштица и Азмак е нејзината источна граница, a на југ границата е Богословец. Ареалот на Овче Поле е околу 1400 км2 со главната река Азмак.

 

Овче Поле во поголем дел е централна езерска рамнина, со незначителни тектонски нарушувања. Од дилувиумот била изложена на ерозија, под посебни услови, кои се во врска со геолошкиот состав на земјиштето. Во неговиот северозападен дел се јавуваат две паралелни клисури: Таорска на Вардар и Бехадерска на Пчиња. [7]

 

Овче Поле е отворена рамнина опкружена со релативно ниски разредени брегови, така што е погодно за комуникациски врски во сите правци. Важно е да се одбележи дека оваа рамнина претставува важен дел на централните области на балканското јадро.

 

Поради отвореноста во сите правци, преку Овче Поле воделе повеќе патишта што ги поврзувале овие области со североисток и југозапад. Како најзначајни се споменуваат: Големиот пат, Серскиот и Штипско-велешкиот. Првите два имаат меридијански правец, додека третиот има правец исток-запад. Големиот пат е стариот врањско-солунски друм кој, според Ј. Рачанин, од 1704 година немал секогаш ист правец и се поместувал од исток кон запад.

 

Серскиот пат водел кон Штип и на југ кон Радовиш, Струмица и Серез. Со изградбата на железницата првите два пата го губат значењето. Поголемо значење добива Штипско-велешкиот кој води кон Велес. Покрај овие, имало и полоши патишта што воделе за Криволак, Градско и Тиквеш, преку кои се пренесувала стока од Брегалница, Овче Поле и Долна Лакавица. [8]

 

[Previous] [Next]

[Back to Index]